Која е вистинската стратегија за да се успее во Македонија? Зошто е тешко да се успее овде?
Суштината се сведува на две работи: што е дефиниција за успех, односно кој услов да биде задоволен, кои цели остварени, за да кажеме дека сме успеале? И второ, како планираме да ја постигнеме целта/успехот?
Ако не знаеме каде сакаме да стигнеме, каде и да стигнеме постојано ќе сме на погрешно место. Затоа потребно е да дефинираме каде сакаме да стигнеме, кои промети сакаме да ги оствариме, кои услуги ги нудиме, кои производи ги произведуваме, колкава екипа сакаме да бидеме итн. Ги дефинираме датумите до кога сакаме тие да бидат остварени и кој член од екипата треба да биде задолжен за секоја цел. Кога се движиме кон успехот, не треба да не мотивира само крајната цел, туку и попатните, мали успеси и решавања на проблеми. И нормално, постојано да си задаваме нова, поинаква, подобра цел.
Што е предизвикот во овој случај? Да се формира правиот тим! Луѓе со иста визија и ентузијазам не се наоѓаат туку-така. Ако добро ја нацртаме големата слика и ако сме доследни на нашите зборови и ветувања, тогаш тие ќе се приклучат и ќе ја имаат истата визија. Сè друго доаѓа само по себе.
Проблематично е што немаме од каде да научиме кои се чекорите. Како и се друго во Македонија, работиме на обид и грешка. Учиме од интернет, следиме светски трендови. Многу време посветуваме купувајќи курсеви и вебинари и на крај, кога сакаме да го пренесеме тоа во македонски услуви – е прескапо или не носи резултати. Затоа е круцијално да го поставиме правецот во следење на светски трендови, но прилагодено на македонски услови. Користењето на консултанти кои следеле милион видеа на YouTube нема да вроди плод, бидејќи не биле доволно време во „калта“. Теоретски се е лесно, но како што вели Цацко: „Ела напрај го да те видам“.